Дијагностицирање на мигрена и водење на дневник за главоболка

Дијагностицирање на мигрена и водење на дневник за главоболка

пишува проф. д-р Емилија Цветковска, спец. невролог при Универзитетска клиника за неврологија-Скопје

Како се поставува дијагноза на мигрена?

Дијагнозата на мигрена се поставува врз основа на податоците добиени од пациентот. Поради тоа е важно внимателно опишување на секој симптом и придружна појава. Не постои еден единствен лабораториски тест или испитување / снимање што ја потврдува дијагнозата на мигрена. Лекарот обично прашува кога започнале главоболките, колку често се јавуваат, колку траат, каква е болката, дали има придружни симптоми и дали постојат фактори што ја предизвикуваат или влошуваат. Важни се и податоците за семејна историја, бидејќи мигрената често се јавува кај повеќе членови од семејството.

Според критериумите на Меѓународното здружение за главоболки (IHS), мигрената се дијагностицира врз основа на типични симптоми и повторување на нападите.

Мигрена без аура подразбира најмалку 5 напади на главоболка, која трае 4–72 часа. Болката е пулсирачка, често еднострана, средно силна до силна и се влошува при движење. Често е придружена со мачнина, повраќање, чувствителност на светлина или бучава.

Мигрена со аура значи дека пред главоболката може да се јават: светкави линии или точки пред очите, трпнење или слабост на половина од телото или потешкотии со говорот. Овие симптоми се минливи и обично траат од 5 до 60 минути.

Хронична мигрена подразбира главоболка која се јавува 15 или повеќе денови месечно, подолго од 3 месеци.

Понекогаш се потребни дополнителни испитувања, особено ако главоболката е нова, невообичаено силна, нагло започната, ако се јавува со невролошки симптоми што не се типични за мигрена, или ако има промена во вообичаениот образец на главоболките. Во такви случаи лекарот може да препорача снимање на мозокот или други испитувања за да се исклучат други причини за главоболката.

За точно поставување на  дијагнозата, многу помага водење дневник за главоболка.

Дневник за главоболка

Еден од најкорисните начини за правилно препознавање и следење на мигрената е водење на дневник за главоболка. Дневникот му помага и на пациентот и на лекарот подобро да ја разберат состојбата. Во него се бележи датумот на појава на главоболката, времето кога започнала и колку траела, јачината на болката, придружните симптоми, како и можните предизвикувачи. Такви предизвикувачи може да бидат недоволно спиење, стрес, прескокнување оброци, одредена храна, хормонални промени, временски промени или прекумерна употреба на лекови против болка.

Во дневникот е корисно да се запише и кој лек е земен, во која доза и дали помогнал. На овој начин може да се процени дали терапијата е ефикасна и дали има потреба од промена на пристапот во лекувањето. Исто така, дневникот помага да се утврди колку често се јавуваат главоболките, што е важно за разликување на повремена мигрена од хронична форма.

Редовното водење дневник може да помогне во откривање на индивидуалните провоцирачки фактори и да придонесе за подобра контрола на состојбата. Пациентот полесно може да забележи поврзаност меѓу главоболката и секојдневните навики, а лекарот добива појасна слика за текот на болеста. Тоа овозможува попрецизна дијагноза, подобар избор на терапија и поуспешна превенција на нападите.

Затоа, кај секој што има повторувачки главоболки, особено ако тие влијаат на секојдневниот живот, се препорачува навремена консултација со лекар и водење дневник за главоболка. Овој едноставен чекор може значително да помогне во препознавањето и успешното справување со мигрената.

април 2026, NPS-MK-NP-00102

Споделете ја оваа страница: