Како мигрената се разликува од другите главоболки?

Како мигрената се разликува од другите главоболки?
пишува прим. д-р Ана Донева, спец. невролог при Градска општа болница 8 Септември - Скопје
Речиси секој од нас во одреден момент почувствувал болка во главата. Честопати велиме „ме боли главата“ и посегнуваме по првиот лек што ќе го најдеме во фиоката. Меѓутоа, не секоја главоболка е иста.
Главоболките по настанување ги делиме на примарни (самата главоболка е заболувањето) и секундарни (главоболката е симптом на друг здравствен проблем), а според траењето на епизодни и хронични. Кои се најчести? Според неодамнешните студии (2025), мигрената засега околу 14-15% од светската популација, тензиона (обична) главоболка имаат 26% од луѓето во светот, а од главоболка поради прекумерна употреба на лекови (земање над 15 дена месечно) страдаат 1-2%.
Најчестата забуна се јавува помеѓу тензионата (обичната) главоболка и мигрената. Иако двете состојби предизвикуваат болка, мигрената е многу повеќе од „силна главоболка“. Таа е сложена невролошка состојба која влијае на целото тело.
-
Каде и како боли?
Една од првите разлики е самиот карактер и локацијата на болката:
- тензиона (обична) главоболка: Најчесто се чувствува како стегање околу целата глава, како да носите премногу тесна капа или обрач. Болката е тапа и константна.
- мигрена: Карактеристично е што болката најчесто е еднострана (боли само левата или само десната страна на главата). Болката не е рамномерна, туку пулсирачка – како нешто да ви „чука“ во главата во ритамот на срцето.
-
Придружни симптоми (клучот за препознавање)
Ова е делот каде мигрената јасно се одвојува. Додека кај обичната главоболка само ве боли главата и можете (со напор) да продолжите со денот, мигрената носи цел пакет на дополнителни симптоми:
- мачнина и повраќање: Многу често пациентите со мигрена чувствуваат гадење или дури и повраќаат за време на нападот.
- пречувствителност: Силната светлина, гласните звуци, па дури и одредени мириси стануваат неподносливи. Затоа, луѓето со мигрена често имаат потреба да лежат во темна и тивка просторија.
- физичка активност: Кај обичната главоболка, прошетката може дури и да помогне. Кај мигрената, секое движење, качување по скали или наведнување ја прави болката многу посилна.
Би можеле да ги прикажеме најважните разлики во една табела
|
Карактеристика |
Мигрена (migraine) |
Тензиона главоболка (обична, TTH) |
|
Локализација |
Еднострана (70%), кај деца често билатерална |
Билатерална (холокранијална) |
|
Квалитет |
Пулсирачки |
Притискачки/стегачки (непулсирачки) |
|
Интензитет |
Умерен до тежок (инхибира активности) |
Благ до умерен (не ги попречува активностите) |
|
Физичка активност |
Рутинска активност ја влошува болката |
Не влијае врз интензитетот |
|
Асоцирани знаци |
Фотофобија, фонофобија, гадење/повраќање. |
Отсуство на гадење; можна е само фотофобија или фонофобија |
-
Што е тоа „аура“?
Околу една третина од луѓето кои страдаат од мигрена доживуваат нешто што се нарекува аура. Тоа се „предупредувачки знаци“ кои се појавуваат кратко пред да започне самата болка. Тие вклучуваат:
- трепкачки светла или „цик-цак“ линии пред очите
- трпнење во рацете или лицето
- проблеми со говорот или заматен вид
Тензионите главоболки никогаш немаат вакви симптоми.
-
Колку долго трае?
- тензионата главоболка може да трае од 30 минути до неколку часа
- мигрената е „маратонец“. Без соодветна терапија, нападот на мигрена обично трае од 4 до 72 часа. Дури и откако болката ќе помине, пациентите често се чувствуваат „скршено“, исцрпено и деконцентрирано уште еден ден по нападот (ова се нарекува мигренозен „мамурлак“).
Зошто е важно да ја знаеме разликата?
Најважната причина е лекувањето. Лековите кои помагаат кај обична главоболка честопати имаат многу мал или немаат никаков ефект кај мигрената. За мигрена постојат специфични лекови кои дејствуваат на крвните садови и нервните патишта во мозокот.
Кога треба да се обратиме кај лекар?
- ако главоболките се јавуваат почесто од двапати неделно
- ако лековите што ги купуваме без рецепт веќе не помагаат
- ако главоболката е толку силна што спречува да одиме на работа или на училиште
- ако почувствуваме нагла, „најсилна главоболка во животот“
Заклучок: Мигрената не е нешто што треба „само да се издржи“. Таа е медицинска состојба која бара правилно дијагностицирање од страна на лекар (невролог) и соодветен план за лекување. Со водење на „дневник на главоболки“ (кога се јавила, колку траела и што сте јаделе претходно), му помагате на вашиот лекар многу побрзо да ја постави точната дијагноза.
април 2026, NPS-MK-NP-00106