Видови на третмани за мигрена - до каде смееме без лекарски совет?

пишува науч. сор. д-р Слободанка Саздова-Бурнеска, спец. невролог при Универзитетска клиника за неврологија-Скопје
Мигрената не е само „силна главоболка“. Таа е сложено невролошко нарушување кое може значително да го наруши секојдневниот живот. Кога станува збор за лекување, многумина се прашуваат: што можеме сами да направиме, а кога да побараме лекарска помош?
Современиот третман на мигрената се базира пред сѐ на индивидуализиран пристап, поради разновидната клиничка презентација, фреквенцијата на нападите, придружните симптоми и болести. Тераписката стратегија се темели на сеопфатна проценка на карактеристиките на нападите (интензитет, траење, присуство на аура), функционалноста на пациентот, како и на индивидуалниот одговор на претходната терапија. Дополнително, идентификацијата и модификацијата на одредени провоцирачки фактори (тригери), воведувањето нефармаколошки интервенции (регулација на сон, управување со стрес, физичка активност) претставуваат суштински дел од персонализираниот пристап.
Што смееме да направиме сами?
Кај лица кои веќе имаат мигрена и нападите се ретки и со умерен интензитет, доволно е самостојно користење на одредени мерки како што се повлекување во мирна и тивка просторија, хидратација и редовен сон, избегнување на тригери како што е одреден вид на храна, стрес, хормонални промени.
До каде смееме без лекарски совет?
Иако самостојното земање на лекови е прифатливо во одредени ситуации, постојат јасни граници кои не треба да се преминуваат. Не треба да се користат лекови без контрола ако главоболките се јавуваат повеќе од 4-5 пати месечно, лекови кои не помагаат кај претходните епизоди на главоболка или има потреба од земање на лекови повеќе пати во тек на денот. Прекумерната употреба може да доведе до т.н. „главоболка од прекумерна употреба на лекови“ (medication overuse headache) - состојба која дополнително го влошува проблемот.
Кога да побараме лекарски совет?
Целта на акутното справување е да се балансира помеѓу олеснувањето на симптомите и потенцијалните несакани ефекти од земените лекови. Лековите за акутна мигренозна главоболка се најефикасни кога се земаат веднаш штом ќе започне фазата на главоболка, но се помалку ефикасни ако се земат прерано. Ефикасноста на лековите за акутна мигренозна главоболка се гледа преку намалување на главоболката и симптомите поврзани со мигрена до состојба без болка или блага главоболка во рок од 2 часа од земањето на лекот и одржување на овие промени во тек на 24 часа.
Третманот на мигрената се дели на акутен (абортивен) и превентивен (профилактичен) третман.
Акутниот третман има за цел брзо прекинување на мигренозниот напад и намалување на придружните симптоми на мигрената, односно намалување на „продромалните“ или „постдромалните“ симптоми (замор, замаглување на видот), подобрување на сонот и расположението, како и на болката во вратот, анксиозноста или депресијата. Ефективноста зависи од времето на примена, при што раното земање на терапијата е поврзано со подобар клинички исход.
Прва линија на тераписки избор кај пациенти со лесна до умерена клиничка слика се неспецифичните аналгетици како парацетамол. Доколку не се постигне задоволителен ефект, се применуваат нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИЛ) како што се ацетилсалицилна киселина (АСА), ибупрофен, диклофенак и кетопрофен. Нивниот механизам на дејство вклучува инхибиција на циклооксигеназата и намалување на простагладинската продукција што доведува до аналгетски и антиинфламаторен ефект. Нивната ефикасност е ограничена кај потешките форми на мигрена.
Дополнителните лекови се првенствено антиеметици (домперидон, метоклопрамид), кои се даваат кај пациенти кои покрај главоболка имаат и гадење или повраќање. При употреба на овие лекови, треба да се следат несаканите реакции како што се екстрапирамидални симптоми, тардивна дискинезија, седација и ортостатска хипотензија.
Препорачливо е да се избегнуваат морфиум и комбинации на аналгетици со барбитурати, кодеин, трамадол и/или кофеин, бидејќи тоа е поврзано со хронификација на главоболката и развој на главоболка од прекумерна употреба на лекови.
Кај пациенти со умерена до тешка мигрена како лекови на избор се специфичните лекови - триптани (суматриптан, золмитриптан, ризатриптан), особено на почеток на мигренозниот напад или за време на аура. Тие делуваат на серотонинските (5-HT1B/1D) рецептори, доведувајќи до вазоконстрикција на кранијалните крвни садови и инхибиција на тригеминоваскуларната активација. Поради тоа треба да се внимава при нивната употреба кај пациенти со кардиоваскуларни заболувања, болести на црниот дроб. Не се препорачуваат во тек на бременост и доење.
Во последниве години се развиени нови специфични лекови за акутен третман -дитани и гепанти. Дитаните не се достапни во Европа, а гепантите (уброгепант и римегепант) дејствуваат како антагонисти на CGRP рецепторите. Гепантите не предизвикуваат вазоконстрикција, а нивниот најчест несакан ефект е гадење.
Еден од проблемите што често го среќаваме е прекумерната употреба на лекови. Најчесто се јавува кога пациентите во обид да ја намалат болката земаат прекумерни количини аналгетици, со што се намалува ефикасноста на овие лекови. Главоболки се можни и кога не се земаат често администрирани лекови. Се препорачува аналгетиците да не се земаат повеќе од 15 пати месечно.
Превентивен третман на мигрена
Превентивниот третман има за цел намалување на фреквенцијата, времетраењето или сериозноста на мигренозните напади, што ги прави полесни за контрола при акутен третман. Крајната цел е да се подобри квалитетот на животот и да се намали влијанието на мигрената врз функционалноста на пациентот. Традиционално, фармаколошките опции во превентивен третман вклучуваат бета-блокатори, меѓу кои најчесто користен е пропранолол. Неговото дејство се поврзува со модулација на адренергичната трансмисија и стабилизација на васкуларниот тонус. Антиепилептиците, како топирамат, имаат значајна улога во превенција преку намалување на невронската хиперексцитабилност. Овие лекови имаат ефикасност, но нивната употреба е ограничена поради потенцијалните несакани ефекти. Антидепресивите, особено амитриптилин, се корисни кај пациенти со коморбидни психијатриски состојби, како депресија или анксиозност, кои често коегзистираат со мигрената. Другите опции за третман вклучуваат третман со ботулински токсин.
Во последната деценија значителен напредок е постигнат со развојот на моноклонални антитела насочени кон калцитонин-ген поврзаниот пептид (CGRP) како што е фреманезумаб. Овие лекови покажуваат висока ефикасност со поволен безбедносен профил. Се применуваат еднаш на 1-3 месеци, што ги ослободува пациентите од секојдневно примање на терапија и ја подобрува нивната соработливост.
Состојбата на пациентот кој е на превентивни лекови би требало да се мониторира со водење дневник за главоболки. Пристапот е индивидуален. Понекогаш, неколку месеци се доволни, а понекогаш лековите се потребни подолготрајно.
Нефармаколошки пристап
Нефармаколошките опции претставуваат интегрален дел од третманот на мигрена и се препорачуваат кај сите пациенти. Постојат некои промени во животниот стил и комплементарни терапии кои можат да помогнат во спречувањето на напади на мигрена. Тие вклучуваат идентификација и отстранување на индивидуални провоцирачки фактори (тригери) како што се пушење, користење на алкохол, недоволно спиење, како и нивна корекција преку здрава исхрана и одржување на здрава тежина, редовно вежбање, акупунктура, намалување на стресот преку техники за релаксација (јога и медитација) или психолошки терапии како што е когнитивно-бихејвиоралната терапија и земање додатоци во исхраната како што се магнезиум, рибофлавин или коензим Q10. Невромодулаторните третмани (неинвазивната транскранијална магнетна стимулација, како и стимулацијата на тригеминалниот нерв) кои влијаат на мозочната активност преку електрични струи или магнетни полиња, можат да бидат неинвазивни и можат да се користат за лекување и спречување на мигренозни напади. Неинвазивните невромодулаторни процедури немаат значајни несакани ефекти.
април 2026, NPS-MK-NP-00101